Димитров: Охрабрен сум од реформското темпо на нашиот европски пат

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со Жан-Кристоф Белиард, заменик-генерален секретар на Службата за надворешни работи при ЕУ (EEAS). Средбата се одржа во рамките на состанокот на политичките директори за европски прашања на земјите од Западен Балкан, чиј домаќин беше Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Фокусот на разговорот беше ставен врз европските перспективи на Република Македонија и на земјите од регионот, а во пресрет на очекуваниот развој на настани во рамките на Унијата во првата половина од 2018 година, објавувањето на Стратегијата на претседателот на ЕК Јункер за проширувањето на ЕУ во февруари 2018, извештаите на ЕК за напредокот на земјите во април 2018 и самитот ЕУ – З. Балкан во Софија за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ (мај 2018 г.)
МНР Димитров го запозна соговорникот за постигнувањата на Република Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските односи.
„И покрај секојдневните предизвици, охрабрен сум од реформското темпо во дел од клучните сектори на нашиот европски пат. Ја искористивме кризата за да пораснеме и пред нас е перспектива која не смееме да ја пропуштиме. Имаме шанса за сериозен исчекор”, истакна министерот Димитров.
Дополнително, министерот се осврна и на плановите и очекувањата на Владата за периодот што претстои. Ја истакна потребата од поддршка за Македонија од страна на европските лидери, институции, како и од и државите членки, со цел постигнување на заложбите за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.

ВО ТРЕНД