Дознај се'

Со притворот на Василевски, притворени се 60 илјади граѓани кои го избрале, рече адвокатот

Ние имаме 60 илјади граѓани против одлуката за притвор за Сашо Василевски бидејќи толку граѓани гласале за него, рече адвокатот Александар Новакоски на денешната јавна седница во Апелациониот суд.
„Гарантирам дека Василевски редовно ќе се јавува во судот“, рече адвокатот и додаде дека Судот ја прекршил постапката за одземање на имунитет на Василевски.
„Не сакам да бидам сентиментален, но го познавам човекот 40 години. Ако сакал, Василевски имал 8 месеци и можел да избега. Сашо се врати од Бугарија кога дозна дека е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Пратеникот на 27.04 бил на работното место, тој морал да биде во Собранието“, рече Новакоски, кој додаде дека незаконски бил и претресот во домот на пратеникот.
Како што рече адвокатот, Сашо не е казнет ниту за сообраќаен прекршок и тој не е во можност да го повтори кривичното дело. Тој побара укинување на притворот и даде гаранција дека Василевски редовно ќе се јавува во судот.
Наталија Тасевска од Вишото јавно обвинителство рече дека бара притворот да остане затоа што, како што рече, Василевски може да влијае врз сведоците и да преземе дејствија со кои ќе ја отежне истрагата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кој се наоѓа во притвор за „крвавиот четврток“ не се појави на јавната седница во Апелациониот суд.
В.М.
(Макфакс)