Ојлески на местото на Лазаров за мечот со Данска

Македонските ракометари денеска во Вараждин против селекцијата на Данска го играат својот последен натпревар од главната фаза на Европското првенство. Со вчерашниот пораз од Чешка ги загубивме шансите за полуфинале, па селекторот Раул Гонзалес денеска целосно ќе го ослободи од обврските капитенот Кире Лазаров, на чие место, според информациите, ќе игра Гоце Ојлески, кој ќе дебитира на овогодишниот континентален собир.

Инаку, репрезентацијата на Данска веќе има обезбедено полуфинале, а против нас ќе игра за првото место во групата.

Нашиот капитен ја повреди задната ложа во почетните минути од дуелот со Шпанија во неделата, па имаше многу прашања околу неговиот настап за вчерашната пресметка со Чешка за на крајот Лазаров да се најде во составот. Сепак, тој не можеше да помогне од игра и изведуваше само пенали.

Денешниот натпревар со данските рекометари е закажан за 18 часот и 15 минути, а во рамки од истата група ќе играат Германија и Шпанија, односно Словенија против Чешка.