МРТ упати повик за избор на композиција за Евровизија

Македонската радио-телевизија ги повика авторите и музичките продуценти од Република Македонија и пошироко да ги достават своите музички предлози (во демо или финализирана верзија) и со својот креативен труд да учествуваат на јавниот повик, со цел да се избере најдобрата песна што ќе ја претставува државата на 8 мај на Евровизија во Лисабон.

Предлог-композициите треба да се достават на имејл-адресата: eurosong.macedonia@gmail.com или на адресата: Македонска радио-телевизија, булевар Гоце Делчев бр.18, 1000 Скопје, Република Македонија, со назнака „За Евросонг 2018“.

Треба да се достават: имиња на авторскиот тим, кратка професионална биографија од авторите, наслов на композицијата, текст, контакт од членовите на авторскиот тим, релевантен линк од веб-страницата или некој од социјалните медиуми („Фејсбук“, „Твитер“ итн).

Во согласностс со правилата на ЕБУ, посочуваат од МРТ, предлог-композициите задолжително се во траење до најмногу три минути и во никој случај не смеат да бидат претходно објавени или јавно изведени.

МРТ истакнува дека како носител на лиценцата за избор на песна за Евровизија донесе одлука за формирање релевантно професионално жири, кое ќе има цел избор на композиција, а врз основа на избраната композиција, ќе предложи и изведувач или група изведувачи, кои ќе може најдобро да ја исполнат на евровизиската сцена.

Од МРТ наведуваат дека лично ќе им се јават на членовите на авторскиот тим на избраната композиција за натамошно исполнување на процедурата за соработка и договор, а финалната одлука ќе ја објави по резултатите од работата на жири-комисијата. Јавниот повик е отворен до 8 февруари.