Прогласена наградата за песната „Љубов“ од Томислав Османли

Во салата на „Театро специјале“ во Каникати, седиштето на манифестацијата на Сицилија, Италија, се одржа завршната манифестација на која свечено беа доделени наградите „Анџело Ла Векија“ од 3. меѓународен поетски конкурс Il Parnaso. Во рамките на настанот првпат беше доделена и меѓународната наградата „Антево слово“, со која на конкурсот се приклучува и Република Македонија.

Меѓународната поетска манифестација се одржува под патронат на Министерството за култура и туризам на Република Италија и на Република Дагестан.

Наградените песни на манифестацијата се објавени во Antologia dei poeti contemporanei del Parnaso, издание 2018, меѓу нив втората специјална награда од конкурсот „Расул Гамзатов“ и добитникот на првата специјална награда од конкурсот „Анте Поповски“, песната „Љубов“/Amore, која му припадна на македонскиот автор Томислав Османли.

Во неможност да биде таму нашиот писател испрати порака на италијански до присутните, членовите на жирито и до организаторите.

„Ве поздравувавм од земјата на поетите Кочо Рацин, авторот на историската стихозбирка „Бели мугри“, на Блаже Конески, македонскиот лиричен Сократ, автор на знаменитата песна „Тешкото“, која ја низ опеан танц и две бои, црвената и црната, ја изразува судбината на македонскиот народ, на поетот Ацо Шопов, кој пишуваше за тишината и за молитвите на страста и на љубовта и, секако, на истакнатиот поет Анте Поповски, кој во една од своите најпознати песни говори за шепотот на ѕвездите на македонски јазик. Јас се обидов да го препеам тој македонски шепот на ѕвездите на другите топли јазици на Медитеранот: во слики, значења и созвучја што не престануваат на пеат низ јазикот на љубовта. Така и ѝ дадов наслов на мојата медитеранска песна – ‘Љубов’“, напиша Османли.

Набргу неговата песна, покрај нејзината објава на италијански јазик во препев на Билјана Билјановска, ќе биде објавена и на други јазици во неколку гласила во регионот.