Неочекуван потег: Собранието укина уште една мерка на режимот на Груевски

Пратениците во Собранието одлучија да го укинат Законот за национален уметник, признание кое обезбедуваше доживотен паричен надоместок во висина од две месечни плати за уметникот.

Законот ќе продолжи да важи за пет од шестемина добитници на титулата. Од востановувањето на признанието во 2011 година, надомест им беше доделен на: Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловски и Никола Маџиров. Заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, соопшти дека за надоместоците на петте живи национални уметници за 2017 година се потребни четири милиони денари од Буџетот на РМ или за секој од нив месечно бруто по 66.300 денари.

„Се оцени дека со Законот се направи нерамноправен третман меѓу уметниците, како и помеѓу националните уметници и другите вработени во културата кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата – рече Лазовски, додавајќи дека постојат и други механизми за стимулирање на творештвото. Запираат сите тековни постапки за доделување на титулата национален уметник.