Музичкиот состав „Инструментал Бенд“ со бројни проекти во 2018-та

Музичката група „Инструментал Бенд“ после успешниот проект „Полско цвеќе“ за 2018-та година најавува бројни музички проекти од кои првиот ќе биде комплетно завршен и презентиран кон средината на месец февруари.
Имено, музичкиот состав „Инструментал Бенд“ од Битола имаше навистина успешна 2017-та година.

Проектот „Полско цвеќе“ со кој се одбележи 10-годишнината од трагичната сообраќајна несреќа во која животот го изгуби нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, ги обиколи повеќето медиуми во регионот.

Фантастичната музичка изведба и емотивниот видеозапис во кој уметникот Александар Поповски го црта портретот на Тоше Проески додека момците од музичкиот состав одат во посета на Спомен куќата во Крушево, предизвика бурна реакција во јавноста. Дел од српските медиуми пишуваа дека музичкиот проект го расплакал Балканот.

Првиот од новите проекти во 2018-та ќе биде презентиран кон средината на месец февруари, а ќе опфати македонски и балкански песни на кои „Инструментал Бенд“ ќе им даде нова свежина и атрактивност.

Музичкиот состав „Инструментал Бенд“ постои од 2005-та година, а во него членуваат Жарко Стојкоски – вокал, Александар Котевски – клавијатура, Димитар Наумовски – тапани, Никола Стојановски – соло гитара и Михајло Манојловски – бас гитара.