Башевски: Македонија има филм на Берлинале – скандалот е за Агенцијата

Во врска со светската премиера на филмот „Кога дрвјата паѓаат“, дебитантски филм на Марисја Никитук на престижниот филмски фестивал во Берлин, а сниман во копродукција меѓу Украина, Полска и Македонија, продуцентот Дарко Башевски на денешната прес-конференција го претстави филмот, но даде и многубројни забелешки до поддршката од македонска страна.

Тој тврди дека проектот што бил инициран уште во 2013 година и презентиран на многу продукциски маркети, а во мај 2016 година ја добил наградата „Криштов Кишловски Скриптист“, покажал голем меѓународен интерес меѓу филмските професионалци.

„Ова е извонреден настан за целата меѓународна креативна група на филмот ‘Кога дрвјата паѓаат’. Македонскиот креативен придонес го дадоа Блаже Дулев како монтажер, Александар Пејовски како кокомпозитор, а супервизор и креатор на визуелни ефекти е Крсте Господиновски, со цел тим артисти за 3Д и визуелни ефекти“, вели Башевски.

Како продуценти на филмот се потпишани украинските компании „Директорс филмс“ и „Солар медија ентертејмент“, полската компанија „Месиџ филм„ и „Фокус ин“ од Македонија.

Надвор од презентација на филмската премиера Башевски се пожали дека иако до Агенцијата за филм од февруари минатата година испратил 9 дописи во кои информирал за динамиката на снимањето и барал да се потпише договорот и да се исплатат уште 80 отсто од договорените средства, до денес не добил одговор.

Башевски тврди дека тој ги исполнил сите договорени ставки и дека Управниот одбор нема што да му забележи.

„Направена е манипулација при презентација на бројките. Факт е дека е аплицирано за 7.072.500 денари, а одобрени се 5.500.000. Тоа е помалку од аплицираната сума за 27.700 евра, а 31.200 евра е сумата што била предвидена за снимање во македонскиот дел од продукцијата во Македонија“, рече Башевски, кој очекува дека договорот нема да биде раскинат и ќе му бидат исплатени преостанатите средства.

На забелешките што еднаш ги добил од Агенцијата за филм, а се однесувале на неисполнетост на некои од критериумите, тој ги отфрла и вели дека целата работа е сосема чиста. Смета дека ако парите не бидат исплатени, а договорот раскинат, тоа ќе биде скандал за домашната Агенција, чие лого стои на филм што постигнал меѓународен успех.

Башевски беше директор на Агенцијата за филм до 2015 година пред мандатот на Мими Ѓоргоска-Илевска. Овие двајца раководители во декември минатава година добија кривични пријави од Управата на Агенцијата за финансиска полиција за одделни сторени дела и злоупотреба на службената должност. За Башевски, пријавата се однесува дека под негов надзор претседателот на Управниот одбор работел на проекти за кои одлучувал Одборот и стекнал материјална корист. (А. В.)(Макфакс)