Чудни математики со цените на горивата: бензинот поскапува, дизелот поевтинува

Цените на дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар, а бензинот ЕУРОСУПЕР 95 поскапува за половина денар по литар.

Според предвидувањата на Народната банка цената на нафтата оваа 2018 ќе расте, како резултат на намалување на производството на нафтата на светско ниво.

Инаку согласно методологијата која Регулаторната Комисија за Енергетика ја користи за пресметка на цените, од вечерва малопродажните цени на горивата се намалуваат во просек за 1.21%. Од полноќ за половина денар ќе се зголеми цената на ЕУРОСУПЕР-95, и еден литар од ова гориво ќе чини 68 денари.

Непроменета останува цената на ЕУРОСУПЕР-98, и еден литар од ова гориво ќе продолжи да се продава за 69.50 денари.

Цената на ЕУРОДИЗЕЛ горивото се намалува за еден денар, и еден литар дизел гориво од вечерва ќе чини 59.50 денари. Новите цени стапуваат на сила вечерва на полноќ и ќе важат следните две седмици.