(Видео) Бојковски: Градоначалникот на општина Гази Баба ја манипулира јавноста

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, ги манипулира јавноста и жителите на населено место Јурумлери. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ не е против да се изгради фекална канализација во Јурумлери како што е потребно и во сите други  населени места во кои нема, изјави денеска Tони Бојковски, советник во Советот на Општина Гази Баба.

 

Според него, додека ВМРО-ДПМНЕ владееше со општина Гази Баба, беше изградена атмосферка и фекална канализација во должина од 80 километри, единствено со средства на Општината Гази Баба, Град Скопје и Владата на Република Македонија, сите предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Се изгради комплетна канализација во Инџиково, Питу Гули, Кадриово Маало, Економија, Сингелиќ, Стајковци, а започна и изградбата на канализацијата и во Црешево и Хиподром 2. Се изгради и фекална канализација за жителите на Товарник, како и за жителите на улицата Палмиро Тољати во населбата Ченто. За сите овие активности ВМРО-ДПМНЕ не ја задолжи Општина Гази Баба со ниту еден денар кредит.

„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во општина Гази Баба ниту во еден момент не го блокираа Советот на Општина Гази Баба, туку, напротив, даваа поддршка на сите проекти за доброто на жителите на општина Гази Баба. Го прашуваме градоначалникот Георгиевски зошто за наведениот проект не обезбеди финансиска поддршка од централната власт и Градот Скопје, како што тоа беше пример во минатото кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ? Зошто за реализација на само еден проект сака максимално да ја задолжи Општина Гази Баба преку земање кредит со максимален износ на задолжување? Го повикуваме градоначалникот Борис Георгиевски да започне со работа и со реализација на ветувањата дадени пред жителите на општина Гази Баба. Поминаа 100 дена од неговиот мандат, а тој сè уште нема реализирано ниту еден проект од животот што му го ветуваа на граѓаните на општина Гази Баба“, изјави Бојковски.