Градинки за 1 чифт женски кожени анатомски кломпи плаќале од 718 до 2183 денари

Во 17 Индекс на рационалност на Центарот за граѓански комуникации во кој се споредени цените по кои се купувани зимски и летни работни униформи што се дел од личната заштитна опрема (ХТЗ-опрема) кај комуналните претпријатија, потоа цените за набавка на кломпи, кои како работни обувки најчесто ги купуваат детските градинки, следува одржување хигиена во внатрешни работни простории во различни државни институции и системи за инфузија кои ги купуваат здравствените установи. Најголемата разлика во цената е евидентирана во набавката на летните работни униформи, а најмала во набавката на системите за инфузија.

Индексот на рационалност ги даде следните сознанија: летните работни униформи комуналните претпријатија ги купувале по цени од 424 до 2.773 денари, со што највисоката цена е за 554% повисока од најниската, зимските работни униформи од страна на комуналните претпријатија се купувани по цени од 1.124 до 4.602 денари, со што највисоката цена е за дури 309% повисока од најниската, работните обувки – кломпи се купувани по цени од 718 до 2.183 денари, со што највисоката цена е за 204% повисока од најниската, одржувањето на хигиената во внатрешните работни површиниги чинела државните институции од 30 до 103 денари за еден метар квадратен месечно, со што највисоката цена е за 243% повисока од најниската цена и системите за инфузија се купувани од страна на здравствените институции по цени од 5,78 до 9,98 денари за еден систем, со што највисоката цена е за 73% повисока од најниската.

Во Индексот на рационалност за работни обувки – кломпи се вклучени десет детски градинки кои за овој вид набавка имале објавено оглас од јануари 2016 до јуни 2017 година. Сите градинки ги доставија побараните податоци, иако за дел од нив мораше да се достават жалби до надлежната Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Четири детски градинки кломпите ги купиле под просечно постигната цена од 1.450 денари, а шест од нив над таа цена. Најниската цена е за дури 101,95% пониска од просечната постигната од самите институции, а највисоката цена е за 33,58% повисока од просечната.

Големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи сите градинки работните обувки ги купиле преку законски предвидената постапка со барање за прибирања понуди со објавување оглас и со критериум за избор – најниска цена. Разликите во цената можат да се објаснат единствено со конкуренцијата. Имено, иста фирма е добавувач на кломпите на двете градинки кои имаат најголема ценовна разлика, која изнесува дури 204%.
Притоа, во тендерот на градинката „25 Мај“ од Гази Баба се добиени 3 понуди и спроведена е електорнска аукција за намалување на цените, наспроти тендерот на градинката „Бубамара“ од Аеродром, каде што била добиена само една понуда. Оттука со овие тендери е потврдено непишаното правило дека фирмите во очекување на електронската аукција секогаш доставуваат повисоки цени и доколку нема конкуренција за да се одржи е-аукција, тогаш е зголемен ризикот договорот за јавна набавка да се склучи по цена што е повисока од вообичаената.

Причина за разликите во цените не се купените количини. Наспроти економската логика цените да паѓаат со зголемување на количините, во конкретниот случај токму градинките кои купиле најголем број женски работни обувки – кломпи платиле и највисоки цени. Имено, како што може да се види од следниот табеларен приказ, токму детските градинки „8 Март“ од Кисела Вода и „Бубамара“ од Аеродром, според тендерската документација, набавиле најголеми количини.

Во изработката на индексот на рационалност беа вклучени 48 институции на национално и на локално ниво, коишто за овие набавки спровеле 53 тендери во текот на 2016 и во 2017 година.(Makfax)