(Видео) Автомобил „тесла“ орбитира во вселената по лансирањето на најмоќната ракета во историјата

Најмоќната ракета во историјата на човештвото вчера беше лансирана во вселената. Станува збор супер-моќната ракета „фалкон хеви“ на компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск.

Со ракетата, од вчера во вселената орибитира и црвен спортски автомобил „тесла“ од чии звучници се слуша Space Oddity од Дејвид Боуви, со кукла во вселенски костум. Тоа е првпат во историјата на човештвото автомобил да се најде во вселената, што воедно е и реклама за моделите „тесла“, кои важат за возила на иднината.

Автомобилот, којшто е поставен на ракетата носач, е всушност личниот спортски модел „тесла“ на Маск. Возилото, сосе носачот, ќе се движи во елипсовидна орбита, којашто треба да го одведе во правец кон Марс.

Откако ракетата полета од платформата на вселенскиот центар „Кенеди“, за десетина минути се искачи на висина над 170 километри и достигна брзина поголема од 20.000 километри на час. Крајна и посакувана дестинација на ракетата е планетата Марс.