Објавена збирката поезија „Нема што повеќе да се изгуби“ од Наџван Дарвин, еден од најважните арапски поети

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје соопшти дека збирката поезија „Нема што повеќе да се изгуби / Nothing More to Lose“ од палестинскиот поет Наџван Дарвиш е објавена двојазично на македонски и на англиски јазик. Препевот на македонски е на Дарко Ангеловски, а на англиски на Карем Џејмс Абу-Заид.

„Нема што повеќе да се изгуби“ е книга што извира од родното место на авторот, градот – Ерусалим, или во еден поширок контекст тоа е Палестина. Оваа книга копка и разбранува, растажува, но и ја враќа надежта во свет на почитување и разбирање. Овие стихови на поетска врата ја враќаат исконската потреба на човековата душа од разум, мир, продлабоченост и рафинираност.

„Иако неговата поезија понекогаш е политичка, таа отелотворува и универзална порака, која потсетува на големиот поет мистик Руми“, пишува за поезијата на Дарвиш „Поетри интернешнел“.

„…Ваквата поезија не игра игри: јазични, критички, теоретски, не се осврнува ниту на академизмите, туку гаѓа директно во срцето, директно во суштината, додека на секоја страница, во секој стих доминираат лирскиот глас и самотестирачката моќ…“, ја оценува оваа книга Натаниел Тарн.

Наџван Дарвиш го нарекуваат еден од најважните арапски поети на сегашноста. Преведен на повеќе од 20 јазици, меѓу кои и на англиски, во една од најважните издавачки куќи во светот. Постојан гостин е на големите поетски фестивали, ширејќи ја својата поезија и добрата мисла. Ова издание ги донесува неговите стихови од најпреведуваната збирка на два јазика, на македонски и на англиски.