(Видео) Георгиевски: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да ја блокираат работата на Општината

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Гази Баба го продолжува деструктивното однесување, како што тоа го правеше изминатите 21 година и продолжува да работи спротивно на интересите на граѓаните, обвини градоначалникот Борис Георгиевски.

„Покрај блокирањето за изградбата на фекалната канализација во Јурумлери, со последната одлука да не гласаат за програмата за работа во областа на располагањето со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија, со која е предвиден приход од 9.000.000 евра, советниците на ВМРО-ДПМНЕ го оневозможуваат развојот на општината. Парите од продажба на градежното земјиште се приход на Општината, кој директно се враќа кај граѓаните преку инвестиции во инфраструктурни објекти“, рече тој.

Гоергиевски истакна дека расипничкото и неодговорно однесување на советниците од ВМРО-ДПМНЕ нема да влијае на развојот на Општината и реализацијата на планираните капитални инвестиции за доброто на граѓаните.