„Исцелител“ прогласен за најдобар интернационален филм во Санта Барбара, Калифорнија

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е добитник на награда за најдобар филм на престижниот филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија во Соединетите Американски Држави. Филмот се натпреваруваше во интернационалната селекција заедно со уште 11 филма меѓу кои и номинираниот за Златна палма на Кан минатата година, францускиот „Двоен љубовник“, добитникот на специјална награда на венецискиот филмски фестивал, францускиот „Редот на нештата“ и номинираниот за најдобар филм на Карлови Вари, косовскиот „Непожелен“.

„Ви благодарам Санта Барбара за прекрасната награда. Ми претставува огромна чест што името на нашиот филм е таму заедно со наградените актери и познатите филмски автори. Но и покрај сите ваши обиди, сепак не можам да ви го кажам рецептот за исцелителниот колач.“, шеговито изјави режисерот Ѓорче Ставрески по повод доделувањето на наградата.

Фестивалот во Санта Барбара го посетуваат најголемите и најактуелни холивудски, но и светски филмски ѕвезди и автори кои добиваат признанија за својата работа. Оваа година, покрај Сем Роквел, Сирше Ронан, Марго Роби и Алисон Џени, со специјални награди се закитија и Кристофер Нолан, Грета Гервиг, Гиљермо дел Торо, Џордан Пил, Пол Томас Андерсон, и други, а еден од презентерите беше ѕвездата на филмот „Викај ме по твоето име“ – Тимоти Шаламе.

Проекцијата во Санта Барбара беше воедно и американска премиера на „Исцелител“. На фестивалот имаше вкупно три проекции сите проследени со огромен интерес од публиката. Во 33 годишното постоење на фестивалот во Санта Барбара, ова е прв македонски филм, добитник на награда.

Филмот од својата премиера до сега, за само три месеци, освои три награди и учествуваше на 7 меѓународни фестивали. „Исцелител“ минатата недела ја имаше својата премиера во Кичево во домот на култура, Кочо Рацин. Филмот веќе единаесета седмица се прикажува во кината во Скопје, а досега имаше и проекции во Битола, Штип и Кочани. Во Македонија досега го погледнаа повеќе од 11,000 гледачи.

Главните улоги во филмот „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.