Белата куќа сака да ја приватизира Меѓународната вселенска станица

Меѓународната вселенска станица (ISS) би можела да стане приватна според желбите на Белата куќа, од каде што стигнаа најави дека веќе нема интерес да се финансира скапата програма на НАСА, пишуваат американските медиуми.

Целта е да се приватизира ISS, што е вселенска станица сместена во ниската орбита на Земјата, а е управувана од Американска вселенска агенција, но е развиена во соработка со Руската вселенска агенција. ISS им служи на меѓународните екипажи, а особено е активна соработката со европските, јапонските и со канадските вселенски агенции за развој на научни истражувања во универзумот.

Одлуката да се стави крај на директната финансиска поддршка од федералните власти за ISS до 2025 година не значи дека целата станица ќе биде повлечена од орбитата во истиот момент бидејќи можно е таа да продолжи да функционира во рамките на некој иден комерцијален аранжман, се наведува во документот на НАСА објавен на интернет.

НАСА ќе ги развива своите меѓународни и комерцијални партнерства и во наредните седум години со цел да се обезбеди континуирано присуство и пристап на луѓето во ниската орбита на Земјата, се наведува во продолжение на документот.