Лондонскиот суд денеска одлучува за слободата на Џулијан Асанж

Судот во Лондон денеска треба да одлучи дали е во интерес на правдата да се поведе судска постапка против основачот на „Викиликс“ поради непочитување на одредбата за условна слобода во 2012 година.

Доколку судијата одлучи во негова корист, тогаш 46-годишниот Џулијан Асанж ќе биде слободен и ќе може да ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон во која престојува повеќе од пет години.

Сепак, може да се случи Асанж и натаму да остане во Амбасадата, каде што доби политички азил бидејќи стравува дека Велика Британија може да го уапси по налог од САД.

Асанж првично беше баран и од шведскиот суд поради обвиненија за силување, што тој категорично ги негира. Во меѓувреме шведскиот суд го отфрли случајот, но британската полиција може да го уапси основачот на „Викиликс“ поради кршење на одредбата за условна слобода.

Асанж стравува од екстрадиција во САД, каде што би можело му се суди за објавување доверливи воени и дипломатски документи, што е најголемото обелоденување информации во историјата на САД.