МНР не соопшти детали од средбата на Димитров и Коѕијас со Нимиц

Министерството за надворешни работи испрати кусо соопштение во врска со средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција со медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц, што се одржа во Виена.

„Денеска во канцеларијата на ОН во Виена личниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, имаше заедничка средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, и со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“, се вели во кусото соопштение за средбата која траеше шест часа.

На последната рунда преговори, што се одржа на 17 јануари во Њујорк, Нимиц излезе со сет предлози и рече дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу двете земји.