МВР во акција: Фрчат кривични против сегашни и поранешни функционери!

СВР Битола поднесе кривична пријава против поранешен директор, сегашни директори и раководители на РЕК „Битола“, како и против АД „Електрани на Македонија“ – Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело загадување на животната средина и природата.

И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК „Битола“, Ј.К. (67) од Битола, директор на подружница РЕК „Битола“, О.З. (54) од Битола, директор во РЕК „Битола“, З.М. (44) од Битола, раководител во подружница РЕК „Битола“ и С.А. (63) од Битола, раководител во подружница РЕК „Битола“, се товарат за кривично дело соизвршителство во врска со загадување на животната средина и природата, а АД „Електрани на Македонија“ – Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело загадување на животната средина и природата.

По претходна пријава до СВР Битола и до ОЈО Битола, во тесна координација и дадени насоки за постапување од ЈО при ОЈО Битола направени се низа проверки, при што е констатирано дека пријавените физички лица со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина пропуштиле да ги реконструираат постојните или да постават нови филтри за прашина – дозволиле преку работата на пријавеното правно лице да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен.

Исто така, пријавените физички лица дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни витли од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност за здравјето на луѓето.