ВМРО-ДПМНЕ: Министерот Љупчо Николовски е временска непогода за земјоделството

СДСМ и министерот за земјоделие Љупчо Николовски се вистинска временска непогода за македонското земјоделие. Дијалогот со земјоделците не постои, ниту министерот ниту неговиот заменик не се појавени помеѓу земјоделците, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Николовски.

„СДСМ пред изборите ветуваше дека цената на оризот која ќе изнесува 25 денари за оризова арпа, а ветувањето пак за откупната цена на белиот ориз беше 50 денари. Денес нема ништо од ова ветување на СДСМ. Цената на оризот во моментов е до два пати помала од таа што ја ветуваа СДСМ. Ова беше уште една лага на СДС само за да добијат глас повеќе на изборите и да седнат во фотелјите. Николовски на оризарите им ветуваше и интервентен откуп, но од тоа нема ни трага ни глас, а во овие моменти е доведена во прашање идната реколта на ориз бидејќи ланската сеуште не е откупена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Првпат, додаваат од партијата, после толку години државните субвенции се намалија во однос на претходната година, а пак во однос на предизборните ветувања на СДСМ субвенциите се помали за цели 24 милиони евра во однос на ветените 160 милиони евра.

„СДСМ ги измами земјоделците и со ветувањето за зелената нафта, пред да дојдат на власт ветуваа пониски трошоци за земјоделците за нафта, а сега од позиција на власт ја зголемија нејзината цена за скоро 4 денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.