ВМРО-ДПМНЕ: Неоснованиот притвор е опасност за здравјето за македонските патриоти

Не постои никаква основа политички обвинетите за настаните од 27 да останат во притвор, тие не сториле кривично дело тероризам за да може да го повторат, реагираат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие 6 месеци немаа причина да избегаат, а немаат ни сега. Впрочем, повеќето од нив сами се пријавуваа во судот. Никој од нив ниту имал намера ниту се обидел да влијае врз истрагата. При разгледувањето на нивните приговори по последните одлуки, судот мора да ги земе предвид овие факти. Судот мора да одлучува врз основа на аргументи, а не политички“, се наведува во партиското соопштение.

Оттаму предупредуваат дека неоснованото држење во притвор ќе влијае како на репутацијата на судството и целиот правен систем така и на државата во целост.

„Секој ден поминат во притвор на овие луѓе е тортура врз нив и нивните семејства. Некои од тие луѓе се хронично болни лица, кои зависат од терапијата и лекарски пропишаниот начин на живеење, кој е задолжителен за нивното здравје. На овие лица притворот директно им го загрозува и нивниот живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат и дека судот не смее да си поигрува со законите и правната држава мора да биде императив на постоењето и дејствувањето на правосудните органи.

„Правосудството не смее да дозволи Република Македонија да биде посочувана како земја на политички затвореници. Судот има и начин и сила тоа да го запре. Република Македонија мора и може да биде правна држава. Тоа е основна вредност на едно демократско општество.

„На сите општествени фактори во Република Македонија мора да им стане јасно, без демократските институции, кои се водат исклучиво по законите и принципот на владеење на правото, државата нема да мрдне ниту чекор напред кон евро-атлантските институции“, стои во соопштението.