Град Скопје: Обврзниците кои сметаат дека погрешно им е блокирана сметката можат да побараат ревизија

28,Од Градот Скопје истакнуваат дека по објавеното соопштение до јавноста, испратено на 29 јануари годинава, дека постапката за присилна наплата на данокот на имот за 2016 година е во тек и по апелот обврзниците уште еднаш да си ги проверат и подмират уплатите за 2016 година, изготвиле решенија за блокада на сметките на даночните обврзници што не ги подмириле даночните обврски.

Оттаму потенцираат дека секое физичко или правно лице коешто смета дека погрешно му е блокирана сметката во банка може да дојде во просториите на Град Скопје, во бараката со број 16 или на сајтот на Град Скопје да пријави проблем, по што службите ќе го разгледаат нивното барање и соодветно ќе одговорат.

Градот Скопје нагласува дека во согласност со Законот за даноците на имот, секој даночен обврзник добива решение за плаќање годишен данок на имот и комунална такса фирмарина до 31 март во тековната година.

Оттаму потенцираат дека решението се плаќа на три месечни рати до крајот на годината или во рок од 15 дена по добивањето на решението.

„По истекот на годината во која требало да се плати данокот на имот и фирмарината, Град Скопје испраќа опомени за неплатен данок на имот и фирмарина до физичките и правните лица (даночните обврзници). Откако ќе помине рокот во кој требало да се изврши наплата на данокот на имот и фирмарината по доставената опомена, Град Скопје изготвува решение за присилна наплата до физичките и правните лица (даночните обврзници), а доколку по решението за присилна наплата не е извршена уплата на даночната обврска се изготвува решение за блокада на сметка по банките“, информираат од Градот Скопје.