Меркел го расчистува патот за својата наследничка

Германската канцеларка и претседателка на Демохристијанската унија (ЦДУ), Ангела Меркел, ја предложи актуелната премиерка на сојузната покраина Сар, Анегрет Крамп-Каренбауер, за нова генерална секретарка на партијата кога оставка од таа функција даде Петер Таубер.

„Анегрет Крамп-Каренбауер е добро решение за ЦДУ во моменти кога партијата мора да го изостри својот профил во рамките на идната голема коалиција“, изјави потпретседателката на ЦДУ, Јулија Клокнер, по состанокот со претседателството на партијата.

Крамп-Каренбауер за позицијата генерален секретар би требало да биде потврдена на партискиот конгрес закажан на крајот од февруари. За многумина, оваа политичарка од најмалата сојузна држава Сар е можна наследничка на Ангела Меркел на позицијата претседател на партијата, а можеби и на позицијата државен канцелар.

Познавачите укажуваат на многу сличности со нејзината менторка Меркел и пред сè ги истакнуваат нејзиниот прагматичен политички стил и избегнувањето да носи одлуки без темелна анализа на проблемот.

Нејзиниот претходник како генерален секретар на ЦДУ, Петер Таубер, за своето повлекување од оваа позиција објасни дека е од здравствени причини, но во германските медиуми се споменува и интерната критика за Таубер во врска со неговите грешки направени во текот на предизборната кампања, што резултира со најлошиот изборен резултат на ЦДУ во повоената историја.