Не разбирам за што сум обвинет, рече Ѓоко Поповски за набавката на „шкода јети“ за полицијата

Обвинителката Фатиме Фетаи во воведниот говор за случајот „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер Ѓоко Поповски, истакна дека една од најважните задачи на МВР е да спречува криминал и да открива сторители на кривични дела, а во овој предмет има случај на лице вработено во МВР кое не постапувало во согласност со законите.

Штетата што Поповски му ја нанел на МВР со изборот на економски оператори што не понудиле најниска понуда за набавката на триста возила за МВР изнесува 450 илјади евра, рече Фетаи.

„Не се чувствувам виновен“, рече Поповски.

Пред судот рече дека не го разбира целосно обвинението. Од судот побара дополнително време пред да даде воведен говор за обвинението што му се става на товар. Судењето е одложено за 20 март.

Покрај воведните говори на обвинетиот и одбраната, треба да бидат повикани и претставник на МВР како оштетена страна и четворица сведоци на СЈО.(Makfax)