Османи: Задоволен сум со реализацијата на мерките од Планот 3-6-9 плус

(МИА) – Процесот на реализација на мерките од Планот 3-6-9 плус е технички и неможе да се направи кумулативна оценка, но задоволен сум со тоа што е направено, изјави  денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

– Најлесно е да кажам дека секаде каде што се доцни со мерките е поради немање добра координација и несоработливост на опозицијата, меѓутоа не сакам да ги обвинам воопшто и сакам да ги повикам на соработка за да реализираме еден суштински документ за влез во ЕУ, изјави Османи на прес-конференцијата во Владата.

Појасни дека временски делот 3 од Планот се однесувал од неговото лансирање до локалните избори во октомври, со основна улога да подготват фер и кредибилни избори и подлога за реализација на планот, и тој дел е заокружен со 90 проценти реализација.

– Со завршување на локалните избори го лансиравме делот 6 и 9 од Планот и го опфаќа периодот од завршување на изборите до објавување на редовниот извештај од ЕК во април. Ние се наоѓаме некаде на два месеци пред завршување на делот 6 и делот 9 од Планот. Во тој период ја вративме државата на својот евроинтеграциски пат и добивме поддршка од сите наши пријатели, појасни Османи.

Прашан дали доколку во следните два месеци не се постигне согласност со опозицијата, ќе се оди на носење закони без нивна согласност, Османи рече дека веќе ја имаат дилемата дали да се оди унилатерално или не.

– Како стигнуваме до април, ние мора да испорачаме. Извештајот нема да не прашува дали ние имаме разлики внатре. Извештајот ги гледа боите и квалитетот и како се имплементираат во реалниот живот. Тие бараат да се рефлектира духот на законите во секојдневието и нема да ги интересира било какво алиби, изјави Османи.

На прес-конференцијата Османи го образложи целосно процесот на имплементирање на Планот 3-6-9 плус и посочи дека има доцнење во реформата на правосудството со донесување на закони за кои е потребно и вклучување и консензус на опозицијата, како и со реформите во делот на измените на Деловникот во Собранието и изборните реформи.

Според Османи, реформите во делот на безбедносните служби, јавната администрација, борбата против организираниот криминал, медиумите, граѓанското општество, миграцијата и Охридскиот договор се реализираат во роковите и нема доцнење по ниту една мерка.