Протест на Чамите во Албанија

2018 (МИА) – Партијата за демократија, интегритет и единство (ПДИУ), политички субјект на Чамите во Албанија, одржа мирен протест пред грчката Амбасада во Тирана.

Лидерот на партијата, Шпетим Идризи, пред насобраните граѓани, меѓу другото порача дека „Чамерија не преговара со Грција и оти никој нема право, ниту може да го забрани името Чамерија и употребата на ова име“.

– Се уште не е роден маж или жена кој ќе го ибрише или ќе му падне на ум да го избише името Чамерија. Упатувам апел до Рама, Бушати, Мета, Баша, кои не им обезбедија просперитет на Албанците, најмалку имаат обврска барем да им дадат достоинство, порача Идризи.

Почесниот претседател на партијата, која ги обединува протераните Чами и нивните потомци, Тахир Нуредини побара транспарентност околу преговорите на Албанија и Грција.

– Како може грчкиот министер за надворешн работи да кажува дека е договорена морската граница, со која Албанија отстапува 12 милји морска територија, дека е договорено бришење на името Чамерија од албанските учебници и уште повеќе да немаме право на нашиот имот таму, а кај нас никој ништо да не каже, рече Нуредни.

И претходно партијата остро реагираше на барањата на официјална Атина, од албанските учебници да се избрише името Чамерија и Чами.

– Да не му падне на памет некому да се обиде да го избрише името Чамерија и Чами бидејќи тоа име две илјади години е албански регион што е облеан со албанска крв, порачаа од Партијата за демократија, интегритет и единство.

Според партијата, Чамерија е територија во Грција во која живееле етнички Албанци, а останала надвор од Албанија на амбасадорската конференција во Лондон 1913 година. Областа и била доделена на Грција, а во 1945 година повеќе од 35.000 етнички Албанци биле протерани и неколку илјади убиени поради „соработка со окупаторските германски и италијански власти“.

Учесниците на протестот носеа пароли на кои пишуваше „Чамерија е Албанија“, „Чамерија, Илирида е со Вас“, „Чамерија, Косово е со Вас“.