Прашањето за името – главна тема на средбите на Заев и Димитров со помошник-државниот секретар на САД

Американскиот помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, денеска ќе пристигне во Скопје како втора дестинација во рамките на неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан. Тој ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Заев ја оцени посетата на високиот претставник на Стејт департментот како потврда на пријателството, но и поддршка за евро-атлантските интегративни процеси на Македонија.
Димитров, пак, најави дека прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата со Мичел.
Мичел задутре ќе отпатува во Атина, каде што ќе има средби со претставници на Владата на Грција. Според најавата од Стејт демартментот, Мичел со грчките власти ќе разговара и за продлабочување на односите меѓу САД и Грција, зајакнување на билатералата соработка, особено во областите на одбраната, енергетиката, трговијата и на инвестициите.
Мичел вчера ја почна својата турнеја по земјите од Балканот со посетата на Приштина. Освен Приштина и Скопје, ќе ги посети и Белград, Атина и Никозија.