СДСМ ја киднапира и зароби држава, обвинува опозицијата

СДСМ за 10 месеци од Македонија направи киднапирана и заробена држава, во која владеењето на правото е само мисловен поим, а Уставот и законите на државата мртво слово на хартија. СДСМ и Зоран Заев долго ќе го носат срамот од фактот дека на 14 март ја погазија демократијата, законите и Уставот.

Ги ставија партиските пред државните интереси. Заев и СДСМ се главните и одговорни виновници за носењето на неуставниот закон за двојазичност.

Тоа граѓаните јасно го видоа“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ, кое се однесуваше на прес- конференцијата на Христијан Мицкоски.

Според партијата, насилното носење на законот за двојазичност ги прекрши деловничките, законските и уставните процедури. „СДСМ ги прекрши Законот за Собранието, Деловникот на Собранието и Уставот.

Овој закон е штетен, неприменлив и неуставен. ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој закон и никогаш нема да го признае, бидејќи носи нови поделби и конфликти во општеството.

Овој закон е само продолжение на штетените политики на СДСМ, како штетните договори , недржавничкото дејствување, расипничкото задолжување, економската стагнација и падот на градежништвото.

Наместо плати од 500 евра, 600 километри нови автопати, економски бум, раст на пензиите и социјалната помош, граѓаните се сведоци на општа катастрофа, која државата ја носи кон сиромаштија“, се додава во реакцијата.