(Видео) Зафировска: Пораката од Тито на старата железничка станица е извадена поради идеолошки причини

Првично, букви од Тито кои беа поставени на старата железничка станица во знак на ужасниот земјотрес кој се случи во Скопје беа отстранети во 2000 или 2001 година по иницијатива на тогашниот министер за култура од идеолошки причини. Стиропорните букви беа излепени со квалитетен лепак кој може да издржи на секакви временски услови и немаше никаква причина да бидат тргнати, вели в.д. директорката на Музејот на Град Скопје, Фросина Зафировска.

Во тој период, на власт во Република Македонија беше ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Љубчо Георгиевски. Владата беше избрана на изборите во 1998 година, но до 2000 година составот претрпе неколку измени. Првично, министер за култура во оваа Влада беше Димитар Димитров, но во наредните 2 години тој е сменет по што на чело на министерството за култура застана Ганка Самоиловска – Цветанова која ја покренала иницијативата за отстранување на буквите на Тито од старата железничка станица.

-Буквите беа направени од стиропор во осумдесеттите години, на позадина на иверица. Стиропорните букви беа лепени со квалитетен лепак кој може да издржи на секакви временски услови. Немаше никаква потреба да се вадат, извадени се од идеолошки причини, вели Зафировска.

Но и покрај отстранувањето на буквите, граѓаните можеле да го прочитаат натписот поради лепакот кој останал на таблите кои пак се тргнати седум години подоцна.

Како замена за отстранетите букви направена е табла како спомен обележје на кое е ставен текстот од изјавата на Тито по страотниот земјотрес. Таблата е во многу помал формат од првичните букви кои се отстранети, и е поставена на влезот од Музејот на Град Скопје.

Зафировска вели дека засега нема никаква одлука што да се прави со местото каде порано беа поставени буквите по што додаде дека за било каква промена треба се разговара со Град Скопје.

Пред неколку дена група граѓани доставија барање до Град Скопје и министерството за култура со што започнаа иницијатива за повторно поставување на пораката од Тито на музејот.
-Во колективната меморија на граѓаните на градот Скопје испишаната порака на Јосип Броз Тито дадена по земјотресот од 26 јули 1963 имаше важно место и представуваше репер во постоењето и негувањето на човечки релации во трагичните моменти на живеењето на еден град. Поттикнати од ехото на таа порака и потребата на нејзиното постоење за идните генерации, ние група граѓани покренуваме иницијатива за нејзино враќање на местото каде била – старата железничка станица а денешен Музеј на град Скопје, велат од иницијативата.

Оттаму исто така велат дека во наредниот период очекуваат придружување на голем број граѓани како и поддршка од одговорните институции и субјекти, дизајнери, архитекти и градежници и со тој гест да се одбележи 55-годишнината од земјотресот и Денот на Солидарноста.

В.д. директорката Зафировска вели дека размислува за креирање поставка во музејот каде би стоела пораката од Тито како и други експонати поврзани со немилиот настан, но тоа вели, не зависи само од неа.

-Треба да се слушнат и мислењата од градот, министерството за култура и управата за заштита дали ние имаме право да направиме нешто такво на истото место, вели Зафировска.

Директорката на музејот тврди дека истите букви не можат да бидат вратени бидејќи не постојат. Според неа потребно е ново решение односно нови букви кои ќе бидат изведени од професионалци.

-Можеби треба да се третира како спомен-обележје, а тогаш се знае по закон како оди таа постапка, но во секој случај јас сум за тоа да биде издизајнирано современо. И да се стават повторно буквите тие не би биле од стиропор туку од друг посовремен материјал. Јас лично немам против, вели Зафировска.

Виктор Јованов(Makfax)