МЗШВ: Укинувањето на царинска давачка за увоз на замрзнато свинско месо ќе ја зголеми конкурентноста на месната индустрија

Владата на вчерашната седница ја усвои одлуката за времено укинување на увозната давачка – специфичната и царинската стапка по вредност за замрзнато свинско месо и други производи од свинско.

„Оваа одлука е привремена и ќе важи до 15.11.2018 година, а количините се утврдени на ниво од 50% од утврдените потреби за суровини на домашната индустрија, од страна на Стопанската комора на Република Македонија, Групацијата за производство на месо и преработки од месо, врз основа на фактурираната и наплатена реализација во претходната година“, соопшти Министерството за земјодеслтво.

Укинувањето на царинската стапка за замрзнато свинско месо и други производи од свинско, како што велат од Министерството, ќе овозможи да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија за производство на преработки од месо, што ќе влијае на зголемување на обемот на производство, извозот и искористеноста на капацитетите и зголемување на бројот на вработени во домашната индустрија за месо.

„Оваа одлука нема да го наруши домашното производство на свежо свинско месо бидејќи се работи за времена мерка, увозот на замрзнато свинско месо и други производи од свинско ќе биде строго контролиран и наменет исклучиво за потребите на месната индустрија како суровина.

Агенцијата за храна и ветеринарство и сега и во иднина ќе спроведува редовни контроли кај операторите што увезуваат замрзнато свинско месо и во малопродажба со цел да се обезбеди квалитетен производ за потрошувачите, и ова месо да се употребува исклучиво за неговата намена за месната преработувачка индустрија“, се наведува во соопштението.

Анализите покажале дека Република Македонија има многу повисоки царински стапки на замрзнато месо од соседните земји, што ја прави домашната индустрија понеконкурентна во однос на земјите од регионот. Како резултат на тоа, производството на преработки од месо во 2016 година е намалено за 25% во однос на 2013 година, а капацитетите работат со 28 отсто искористеност.

Вкупниот извоз на преработки од месо изминатите години континуирано се намалува, во 2016 година е намален за 26% во однос на 2012 година, додека увозот, пак, на преработки од месо во истиот период бележи раст од 22%. Од друга страна, домашните производители на свинско месо не можат да ги задоволат потребите на месната индустрија со свинско месо.

Со донесувањето на ваквата одлука се очекува дека производството на трајни и полутрајни производи од свинско месо за шест месеци да се зголеми за околу 3 000 тони а извозот за околу 10%, што крајно ќе доведе до зголемување на бројот на вработени во домашната месна индустрија за околу 25%.