По санкциите кон Иран, значителен пораст на цената на нафтата

На азиските берзи цените на акциите паднаа, додека цените на нафтата драстично се зголемија еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи повторно да воведе економски санкции против Иран.

На Токиската берза, индексот Nikkei падна за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Сингапур и Јужна Кореја се намалија меѓу 0,2 и 0,4 отсто. Берзанските индекси во Шангај, Австралија и Хонг Конг се зголемија меѓу 0,1 и 0,3 проценти.

На азиските берзи владее претпазливост, како и вчера на Вол стрит, откако американскиот претседател најави дека САД се повлекуваат од меѓународниот нуклеарен договор со цел да го спречат Иран да развива нуклеарно оружје и дека веднаш ќе воведат економски санкции врз Техеран.

Одлуката на Трамп го зголемува ризикот од конфликт на Блискиот Исток и ги нарушува односите меѓу САД и нивните европски сојузници. Покрај тоа, санкциите на САД би можеле да го нарушат работењето на многу азиски компании кои функционираат во Иран.

Од друга страна, поради стравувањата на инвеститорите дека санкциите ќе ја прекинат испораката на нафта од Иран, цената на црното злато рапидно се зголеми.

Цената по барел на пазарот во Лондон утрово скокна за 2,5 отсто на 76,75 долари, што е највисоко ниво во последните три и пол години. На американскиот пазар, пак, цената за барел порасна за 2,2 отсто на 70,60 долари, што е блиску до највисокото ниво од ноември 2014 година.