За отказ од деловни причини, газдите 2 години не ќе смеат да вработуваат друг на тоа место

Измените на законот за работни односи кои се во собраниска процедура, предвидуваат пократки рокови за пријавување на јавен оглас, обврзувачка содржина на договорот за вработување… Со измените на законот, кој треба да биде донесен по скратена постапка, се дава правна основа за престанокот на работниот однос од деловни причини да биде врз основа на критериуми утврдени со колективен договор и критериуми за заштита на лица со попреченост, самохрани родители и родители на деца со посебни потреби.

„Ако работодавачот го откаже договорот за вработување поради деловни причини, не може на истите работи, со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник, во рок од две години од денот на престанокот на работниот однос“, пишува во образложението. Ако пред истекот на рокот настане потреба за вршење на истите работи, предност за склучување договор за вработување има работникот кому претходно му престанал работниот однос.

Се утврдува рокот во кој работникот треба да го подобри своето работење (15 дена) од приемот на писменото предупредување дадено од работодавачот. Со ова се воведува рок за да се избегнат злоупотребите од работодавачите отказот да го даваат набрзо односно непосредно по даденото предупредување.

Со измените се регулира исплатата на испратнината во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, при што висината на испратнината се зголемува од 12,5% до 25% во зависност од годините поминати во работен однос.

Во текстот на законот се допрецизира значењето на терминот соодветна храна за работник кој работи ноќно време, преку утврдување на надоместок на трошоци за исхрана во висина од 20% од просечната нето-плата по работник исплатена во Македонија претходната година. Се прецизира дека работникот не може да биде распореден на ноќна работа доколку нема јавен превоз, а работодавачот не обезбедува услови за превоз до и од работа.

Точката е ставена на дневен ред на 21 мај на 46 седница на Собранието.