Иванова: Мицкоски да одговори што го советувал Груевски

Мицкоски да одговори што го советувал Никола Груевски додека бил советник за енергетика, порача Михаела Иванова од Социјалдемократската младина и додаде дека наследникот на поранешниот премиер претходно бил дел од неговиот тим од 91 советник.

„Дали Мицкоски го советувал за одлуката на владата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на дневната евтина тарифа на струјата, што резултира со повисоки сметки за граѓаните? Дали го советувал Груевски да се намали производството на електрична енергија за да се увезува струја по повисоки цени заради лично богатење на поединци блиски до ВМРО-ДПМНЕ? Дали Мицкоски советувал да не се спроведуваат енергетските реформи заради заштита на одредни бизнис-интереси? Притоа имајќи предвид дека Македонија во тој период доби најниска оценка, единица, од Енергетската заедница“, изјави Иванова.

Таа додаде дека јавноста треба да знае за улогата на Мицкоски во креирањето и спроведувањето на погубните политики на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, кои, како што рече, нанесоа огромна штета врз интересите на граѓаните и државата.

СДСМ вчера обелодени дека ангажманот на Мицкоски и другите 90 советници на Груевски годишно ја чинеле државата, односно граѓаните, над 1,7 милион евра.