Мицкоски пред Џозеф Дол изрази загриженост за правецот во кој се движи земјата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамките на самитот на Европската народна партија оствари средба со Џозеф Дол, претседателот на Европската народна партија (ЕПП). Партискиот Центар за комуникации соопшти дека на состанокот Мицкоски го информирал претседателот на ЕПП за актуелните случувања во земјата, притоа изнесувајќи ја својата загриженост за лошиот правец во кој се движи државата на економски и политички план.

„Слабеењето на економскиот стандард, политичкиот терор, како и поделбите во општеството ги уназадуваат демократските капацитети на државата. Имаме една година на исклучително лошо владеење во кое граѓаните живеат полошо и ситуацијата е без изглед за подобрување. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ планира и голем протестен собир на кој ќе се изрази револт од катастрофалното владеење, но ќе бидат преставени и понуда и решенија за излез од ваквата состојба, а очекуваме и недвосмилена поддршка од сестринските партии и Европската народна партија“, посочил на средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски ја потенцирал и улогата на ВМРО-ДПМНЕ во процесот на креирање на реформските закони, каде што, како што посочил, опозицијата влијаела на подобрување на тие законски решенија раководејќи се од интересот на граѓаните и запазувајќи ја европската перспектива на државата.

Од страна на претседателот на Европската народна партија, Џозеф Дол, недвосмислено беше поздравена и искажана поддршка за политиките на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, соопшти партискиот прес-центар.