Северна Кореја ги прекина преговорите со јужниот сосед и испрати предупредување до САД

Северна Кореја донела ненадејна одлука да ги прекине мировните преговори со јужниот сосед. Причината за прекинот е гневот кај властите во Пјонгјанг поради воените вежби организирани од страна на Јужна Кореја и САД.

Севернокорејската агенција КЦНА објави дека вежбите претставуваат провокација и обид за инвазија. Северна Кореја исто така испратила предупредување до САД со укажување дека состанокот меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг-ун, кој требаше да се одржи на 12 јуни, сега е доведен во прашање.

Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја спроведуваат голема заедничка воена вежба од понеделникот, во која учествуваат повеќе од сто борбени авиони, голем број бомбардери „Б-52“ и ловци „Ф-15К“. Северна и Јужна Кореја требаше да продолжат со мировните преговори во воениот комплекс „Панмунџом“.

„Оваа вежба, која е насочена кон нас, а се одвива во Јужна Кореја, е очигледен предизвик за декларацијата усвоена во ‘Панмунџом’ и намерна воена провокација спротивна на позитивниот политички развој на Корејскиот Полуостров“, објави агенцијата КЦНА.

„САД исто така ќе треба внимателно да ја разгледаат судбината на планираниот самит со Северна Кореја во пресрет на овој провокаторски воен марш спроведен заедно со властите на Јужна Кореја“, се наведува во соопштението.

ВО ТРЕНД