ВМРО-ДПМНЕ: Скандалозно е и ангажирањето на Стаменковски за советник на Заев

Скандалозно е ангажирањето на поранешниот шеф на одделот за човечки ресурси на Основниот суд Скопје 1, Горан Стаменковски, за советник на Зоран Заев, смета опозицијата.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска на прес-конференција обвини дека Стаменковски го напаѓал портпаролот на судот и влегувал во директна конфронтација со претседателот на Основниот суд.

„Единствената квалификација што ја има Стаменковски за да биде советник за социјална политика е тоа што човекот бил редовен учесник на вандалските протести на шарената револуција и се има фотографирано со сите сомнителни карактери од СДСМ. Дали можеби граѓаните од своите пари го плаќаат човекот што треба да биде помеѓу Зоран Заев и Џолев, кој е претседател на судот? Дали можеби Стаменковски го советува Заев во врска со неговите судски рочишта и сите други против неговите неистомисленици? Зоран Заев со ваквата одлука ја става под сериозен сомнеж независноста на оваа институција. Трагедија е што вакви лица, кои поради политички пазар ги назначил Заев, ги плаќаат директно граѓаните“, изјави Арсовски.

ВМРО-ДПМНЕ претходно побара повлекување и на Силвио Аврамовски за кого велат дека јавноста уште бара одговор дали тој бил осуден за вооружен инцидент и пукал врз специјалните безбедносни сили во Тетово.

„Јавноста ја интересира дали тој е осуден и издржал затворска казна или е амнестиран за делото што го сторил?“, прша Арсовски.

Тој додаде дека Зоран Заев и Владата исто така втор ден молчат и не коментираат за, како што велат, скандалозното ангажирање на Ѓорѓи Калајџиев, кој е уредник на регионалната телевизија „Вис“ во Струмица.

„Дали Ѓорѓи Калајџиев со парите на граѓаните истовремено ќе има задача да ги велича политиките на Зоран Заев и СДСМ токму во медиумот каде што е новинар во моментот, а тоа е телевизијата ‘Вис’“, изјави портпаролот.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека тројцата треба да се повлечат од советничките позиции.