Заев и Ципрас утре на тет-а-тет средба во Софија

Премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас утре претпладне во Софија ќе имаат втора тет-а-тет средба. Разговорите меѓу двајцата премиери ќе се одржат на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој ќе се расправа за европската перспективата на земјите од регионот.

Целта на состанокот ќе биде да се рекапитулира она што досега било дискутирано меѓу двете земји и во исто време да дадат насоки за следните чекори. Заев претходно изрази надеж дека договор ќе има.

„Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата со грчкиот премиер ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и, ако не друго, да проговориме за начините за изнаоѓање решение“, рече Заев.

И еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, верува дека може да се постигне решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција. Тој во интервју за грчкиот весник „Та неа“ вели дека самитот во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку она што е важно во процесот е квалитетот на договорот.