САД бара од Ким да ги предаде нуклеарните боеви глави во наредните шест месеци

Јапонскиот весник „Асахи“, повикувајќи се на извори упатени во севернокорејските прашања, објави дека САД побарале од Пјонгјанг во наредните шест месеци во странство да ги испратат некои од нуклеарните боеви глави кои ги поседуваат, како и интерконтиненталните балистички ракети и друг нуклеарен материјл, пренесува Ројтерс.

Како што се наведува, американскиот државен секретар Мајк Помпео на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, за време на нивниот состанок му рекол дека Северна Кореја може да биде отстранета од листата на земји кои се спонзори на тероризмот, доколку го предаде тоа што е барано.

Ако Пјонгјанг прифати целосна, доверлива и неповратна денуклеаризација за време на самитот меѓу Ким и Трамп, што е предвидено за 12 јуни во Сингапур, јапонскиот весник наведува, Вашингтон размислува за давање гаранција на Ким, без прецизирање за какви гаранции се работи.

Ројтерс пренесува дека Јужна Кореја соопштила дека ќе се обиде да посредува меѓу САД и Северна Кореја, откако Пјонгјанг се закани дека ќе се откаже од самитот.