(Видео) Заев се сретна со Меркел: Успешната приказна на Македонија треба да продолжи и оваа година со храбри одлуки

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на самитот на ЕУ за Западен Балкан се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел. Македонскиот премиер на средбата ги истакнал исклучителната соработка и искрената поддршка на Сојузна Република Германија во сите политички процеси на современа Република Македонија.

„Република Македонија со активности на прогресивните политички сили во земјата направи квантен скок и од заробена држава се врати на патот на демократските процеси за реформи во земјата и за интензивирање на евро-атлантската агенда“, рекол Заев.

Македонскиот премиер и германската канцеларка разговарале и за можните последици доколку регионот и Република Македонија не ги добијат заслужените признанија и доколку се забават процесите за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Такво сценарио би ги закочило реформските процеси, ќе ги охрабри ретроградните политички сили и ќе отвори простор за инволвирање трети страни што може да предизвика нарушување на стабилноста, е заклучокот од средбата.

За да се елиминираат овие можни закани, успешната приказна на Република Македонија треба да продолжи и оваа година со храбри одлуки што треба да дојдат од ЕУ и НАТО, се истакна на состанокот.

Премиерот Заев истакнал дека големата поддршка на граѓаните за аспирациите на земјата за членство во ЕУ и НАТО говори дека земјата нема друга алтернатива и дека тоа потврдува оти граѓаните на Република Македонија делат исти европски вредности и дека заслужуваат индивидуална процена за напредокот врз основа на постигнатото.

Премиерот Заев истакна дека е убеден оти СР Германија ќе ја посвети својата поддршка за датум за преговори на претстојниот самит на Европскиот совет во јуни и дека се надева дека на поддршката на канцеларката Меркел во разговорите со другите премиери на земјите членки на ЕУ.

На средбата уште еднаш беше реафирмирана досегашната исклучително плодна соработка меѓу Република Македонија и СР Германија, која во изминатата година се потврди со вкупната трговска размена во висина од 3,6 милијарди евра.

Премиерот Заев на средбата со канцеларката Меркел ја издвои како особено значајна за регионот иницијативата берлински процес, од која произлегуваат голем број проекти за економско и друго поврзување на земјите од Западен Балкан, кои истовремено ги подигаат капацитетие на земјите од регионот во приближувањето на нивните стандарди до оние на ЕУ.