ВМРО-ДПМНЕ: Судиите се под притисок, сите однапред ги знаат пресудите за „Тенк“ и „Поткуп“

Правосудството во Република Македонија е на колена, а судиите се во грч и работат под политички притисок. Споредбата како се водат случаите „Поткуп“ и „Тенк“ е најдобар доказ дека не постои правда, туку само политички нарачан прогон, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, случајот „Поткуп“, каде што првообвинет е Зоран Заев, кого цела јавност го виде дека од позиција на градоначалник бара едно евро за себе и едно евро за црквата, чека правна разрешница цели пет години. Обвинението е поднесено уште во 2013 година. „Случајот „Тенк“, кој се базира на незаконски стекнати прислушувани разговори и претпоставка дека Никола Груевски влијаел врз Јанкулоска да го поттикне Поповски да набави блиндирано возило, е започнат четири години подоцна. Рочиштата во случајот „Поткуп“ се одложуваа десетици пати и се развлекуваа со месеци и години, а за „Тенк“ се закажуваа експресно и траат дури и по 12 часа.

Во случајот „Поткуп“ сведокот го потврди кривичното дело и барањето поткуп. Кажа дека Заев му барал едно евро за Вице, едно евро за партијата и едно евро за црквата. Во случајот „Тенк“ беа повикани 40-ина лица. 15 сведоци на СЈО и уште 20-ина на одбраната. Сите, без исклучок, сведочеа контра обвинителниот акт. Посочија дека претходните блиндирани возила не можеле да ги задоволат безбедносните потреби“, се наведува во соопштението.

Според опозициската партија, во Македонија законите не важат еднакво за сите, а судиите судат според желба, а не според докази и факти. „Заеднички за двата спора е што завршуваат во исто време. За неколку дена треба да биде изречена и пресудата за Зоран Заев и пресудата за случајот „Тенк“. Заеднички за двата предмета е што сите ги знаат однапред пресудите, а нив ги најави и самиот Заев. Медиумите веќе пишуваа и за наградата што треба да ја добие судијата Добрила Кацарска за одработената задача. Тоа е разликата меѓу судството што работело во „режим“ и ослободеното судство кога доjде животот. Криминалниот картел е недопирлив, а сите неистомисленици се потенцијални политички жртви. Оваа неправда мора да престане. Сите судски одлуки донесени врз притисок еден ден ќе бидат преиспитани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.