Силно невреме во Македонија: Очекувајте дожд, грмежи и град

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи. Оттаму додаваат дека локално процесите ќе бидат поинтензивни со обилен пороен дожд, електрични празнења и услови за изолирана појава на град.

Утринската температура ќе се движи од 10 до 15, а дневната највисока температура на воздухот од 22 до 29 Целзиусови степени.

Во Скопје променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а дневната температура ќе биде во интервалот од 14 до 27 степени.

И в четврток ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со обилни врнежи од дожд. Потоа, од петок ќе биде претежно стабилно и потопло, со ретка појава на краткотраен дожд во попладневните часови.