Брутални методи: Негувателка во градинка на децата им давала да пијат врела вода за казна

Негувателка во градинка е соочена со обвиненија за злоставување, бидејќи на децата, наводно, им давала да пијат врела вода за казна, пишува РТ.

Шокантните методи ги открила мајка чиј син не можел да јаде, велејќи дека го боли грлото. Мајката го одвела на лекар кој со преглед утврдил дека грлото на детето е повредено и отечено.

Во разговор со момчето, мајката дознала дека негувателката во градинка го присилила него и уште неколку деца да испијат по неколку шолји врела вода за казна, бидејќи зборувале за време на учењето.

Надзорните камери во градинката го снимиле моментот во кој децата се собрани околу негувателката која стои над нив и им дели шолји. Момчето, чија мајка го открила инцидентот, морало да испие четири шолји, додека останатите три деца испиле по една шолја.

Истрагата покажала дека негувателката ги нема потребните квалификации и е суспендирана од работа. Жената, наводно, контактирала со мајката на момчето и се обидела да се извини, но мајката не прифатила извинување.

– Моето семејство го очекува завршувањето на полициската истрага па ќе одлучиме за понатамошните чекори, рекла мајката.