Иванов: Борисов зазеде страна и не ја реализира целта на европското претседателство

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, зазеде страна и не ја сфаќа главната цел на неговото претседавање со Унијата, изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев.

„Тоа е негова одлука и негова е одговорноста. Борисов не е само премиер на Бугарија, туку и на земја што претседава со ЕУ. Европската Унија секаде промовира дијалог, конструктивност, отвореност и соработка, така што со тој негов гест само зазема страна и не го остварува тоа што е и цел на членување и претседавање со ЕУ“, изјави македонскиот претседател.

Претходно, Борисов и бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, ги откажаа средбите со македонскиот претседател посочувајќи дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на нивната соседна држава.

Иванов е во дводневна официјална посета на Бугарија.