Димитров: Сите ја сакаме татковината и сакаме да го зачуваме идентитетот

Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името e пред Комисијата за европски прашања, каде што расправата се одвива без присуство на опозицијата.

Во своето излагање министерот за надворешни работи, Никола Димитров, истакна дека ако сакаме да направиме сè што можеме за да го фатиме европскиот воз, потребно е навреме да ја информираме Грција за да го извести Советот на ЕУ дека ги повлекува забелешките.

„Земја кандидат сме од 2005, станавме експерти во чекање. Могерини и Хан присуствуваа на потпишувањето зашто очигледно ја отклучуваме таа врата. Лично сум вклучен во прашањето од 2003 година. Додека бев амбасадор во САД, бев ангажиран да бидеме признаени под уставното име. Ова е мој трет најголем предизвик да бидам дел од Влада која во очи му погледна на проблемот“, рече Димитров во обраќањето пред Комисијата.

Министерот додаде дека сите се патриоти, и оние што се согласуваат со договорот и оние против него.

„Да прифатиме дека сите ја сакаме татковината и сакаме да го зачуваме идентитетот“, рече Димитров, кој додаде дека не сме доволно свесни за одговорноста за неносење одлуки.

„Чувме дека во минатото можеше да има и подобри решенија. Но, должност е на тие што ја водат земјата да видат дали може да чекаме уште пет години. Одговорноста од пропуштање на шансата е преголема“, предупреди министерот.

На Комисијата се присутни повеќе амбасадори, меѓу кои холандскиот, албанскиот и косовскиот, како и Луиза Винтон, координаторка на ОН и постојан претставник на УНДП во Македонија.(Makfax)