Заев: Со договорот го затвораме последното прашање на патот на Македонија кон ЕУ

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска остварил средба со делегација на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалог со Македонија, предводена од ко-известителите Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата станало збор за актуелните политички прашања поврзани со реформските процеси во земјава, а претставниците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа ја искажале поддршката на евро-интеграциските процеси на земјава.

Заев, во рамки на средбата, посочил дека Македонија е на добар пат во реализацијата на своите стратешки цели, интеграциите во ЕУ и во НАТО и подобар живот на граѓаните на економски план.

„Ги спроведуваме посветено потребните реформи во земјата низ инклузивни политики и водиме политики на добрососедство, што ги отворија перспективите на нашата држава. По договорот со Бугарија, постигнат е достоинствен договор и со Грција, со што го затвораме и последното прашање што стои на патот на Македонија во евро-атлантските аспирации. Граѓаните ќе го дадат последниот збор на референдум во врска со договорот со Грција, но очекувам општествена свест и сите да застанеме зад развојот на Македонија и да продолжиме уште поактивно да ја движиме државата напред“, истакнал Заев пред делегацијата.

Владата соопшти дека Заев порачал оти добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ ќе биде мотив повеќе во енергичниот реформски пристап на Владата, којашто во овој процес ги вклучува активно и сите други општествени и политички чинители.

На состанокот, премиерот Заев и ко-известителите Кристоферсен и Гилечи од ПССЕ разговарале и за измените во Изборниот законик, како и за потребната зрелост од сите политички субјекти во државата, за носење одлуки во интерес на натамошните перспективи и стабилноста на Македонија.