Пратениците го ратификуваа договорот со Грција

Со 69 гласа „за“, без против и воздржани, пратениците во македонското Собрание го ратификуваа договорот за името со Грција. На седницата не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од присутните во собраниската сала ратификацијата на договорот беше поздравена со аплауз и меѓусебни честитки.

Собраниската Комисија за европски прашања вчера со десет гласа „за“ го усвои предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името.

Предлогот-законот за ратификација во Собранието и во собраниската Комисија за европски прашања го образложи министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој кажа дека има рокови што мораат да се запазат до самитот на ЕУ. Димитров рече дека спогодбата не е идеална и совршена, туку компромис на двете страни.

Македонската и грчката влада, предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), го потпишаа договорот.

Со овој договор името на земјата ќе биде Република Северна Македонија за севкупна и внатрешна употреба, со македонски јазик и македонска националност. Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас, и посредникот на ОН, Метју Нимиц.